Потпишани договори за градење на двете делници на Коридор 8, Куманово-Белјаковце и Белјаковце-Крива Паланка, како  и

за реконструкција на делницата Неготино-Ногаевци, Коридор 10

 

Австриската компанија „Штрабаг“ (Strabag AG) е избрана за да ја гради пругата од  Куманово до Бељаковце на Коридор 8 и да ја реализира реконструкцијата на делницата Неготино – Ногаевци на Коридор 10, додека турски „Ѓулермак“ (Gülermak) ќе ја изведува втората фаза од Бељаковце до Крива Паланка од железничкиот Коридор 8 кон Бугарија.

Во владиното седиште денеска се потпишаа договорите за изведба на двете фази од пругата кон Бугарија, капитален инфраструктурен проект во којшто се инвестираат 200 милиони евра и договорот за реконструкција на делницата Неготино-Ногаевци.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на денешната прес-конференција напомена дека пругата долга 31 километар меѓу Куманово и Бељаковце ќе чини 40 милиони евра и ќе се изгради во рок од две години, односно до 2024 година. Железничката линија од Бељаковце до Крива Паланка со должина од 34 километри ќе чини 155 милиони евра. Рокот за нејзината изградба е три години, односно ќе биде завршена до 2025 година.

„Место за горделивост и задоволство нема, нè чека тешка и макотрпна работа“, изјави директорот на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на РСМ, Хари Локвенец.

Тој додаде дека избраните компании за изведба на Коридорот 8 се сериозни и познати, додека јавното претпријатие за железничка инфраструктура во целост го има решено прашањето за експропријација на земјиштето низ коешто ќе минува железничката пруга Куманово-Крива Паланка.

Директорот Локвенец напомена и дека за двете фази од пругата кон Бугарија се обезбедени во целост финансиските средства за градежните работи, така што отстранети се сите пречки за реализацијата на инфраструктурниот проект. Пругата Куманово-Крива Паланка ќе се гради со обезбедените неповратни средства од Инвестициската рамка за Западен Балкан на ЕУ во висина од 68,5 милиони евра, како и кредит од Европската банка за обнова и развој.

Долж целата траса од Куманово до Крива Паланка, ќе се изгради едноколосечна електрифицирана пруга, со пет железнички станици и девет железнички стојалишта. На пругата ќе бидат изградени 12 мостови.

Директорот на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура напомена дека досега се обезбедени над 50 отсто од целокупната финансиска конструкција и за изградба на пругата од Крива Паланка до границата со Бугарија, за која веќе е комплетирана и целосната проектна документација. За третата делница од пругата кон Бугарија, веќе се обезбедени 155 милиони евра неповратни средства од Европската Унија преку Инвестициската рамка за Западен Балкан и дополнителни 61 милион евра преку ИПА програмата на ЕУ, така што за последната фаза државата има 216 од неопходните 405 милиони евра за финализирање на најтешката фаза од капиталниот проект.

Локвенец напомена дека со австриски „Штрабаг“ е потпишан и договорот за ремонт на пругата Ногаевци-Неготино во должина од 31 километар на железничкиот Коридор 10. Реконструкцијата на оваа железничка траса треба да се заврши во рок од шест месеци, односно да биде функционална во текот на наредната година. За овој проект се обезбедени финансии во висина од 4,8 милиони евра.