Директорот на јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на Република Северна Македонија, Хари Локвенец денеска се обрати пред Европскиот Парламент, каде ги презентираше проектите за изградба на клучни коридори во државата.
Во однос на источниот дел од Коридорот 8, тендерските процедури се комплетирани, а во тек се процедурите за третата делница меѓу Крива Паланка и бугарската граница. Овој тендер треба да се отвори најдоцна во првата четвртина од идната година.
-За овој договор можам да кажам дека е најголем предизвик бидејќи од 24 километри има 24 тунели и 51 мост. За овој проект со проценета вредност од 400 милиони евра од 2017 година, добивме ИПА грантови од 61 милион евра и грант од 155 милиони евра од Инвестициската рамка за Западен Балкан, рече Локвенец.
Ова значи дека над 50 отсто од фондовите доаѓаат од ЕУ, за штоЛоквенец се заблагодари во име на граѓаните на Северна Македонија и истакна дека ова овозможува блиска соработка и со бугарските колеги преку месечни средби за да се оствари целта за железничко поврзување до 2027 година. На крајот од овој месец ќе се започне со работа на овие проекти во Бељаковце и надежта е дека во рок од 36 месеци ќе се изгради нова пруга од 65 километри за првите две секции.
Во однос на западната делница од Коридорот 8 поднесена е апликација за техничка асистенција за да се актуелизира делот Кичево-Струга, а се работи и на делницата Струга-албанска граница. За сево ова во тек се подготовки за тендерските процедури и контакти со сите засегнати страни.
-Нашите проекции велат дека до крајот на оваа декада ќе ја заокружиме изградбата на Коридорот 8 на македонска почва, затоа ве замолуваме да ги поддржите нашите стратегии и планови и да го вклучите западниот дел во централната ТЕН-Т мрежа, рече Локвенец.
Шефот на македонски железници им порача на колегите во ЕУ дека земјите во Европа, дали се членки или кандидати, заедно претставуваат „голем железнички мозаик“ и сите треба да бидат третирани еднакво.
-Преку овие активности покажуваме дека не сме само географски дел од Европа, туку дека имаме капацитет и волја да стоиме рамо до рамо со нашите европски пријатели преку учество во спроведувањето на европските стратегии, нагласи Локвенец во својот говор пред Европскиот Парламент во Брисел.