Започнување на Кампањата за поголема безбедност на железничките премини
Денеска во дворот на СУГС Владо Тасевски на прес-конференција беше најавена заедничката активност на Министерството за транспорт и врски и за внатрешни работи, Секретаријатот на транспортната заедница и ЈП ЖРСМ Инфраструктура започнување на кампањата за безбедност на железничките премини.
На прес-конференцијата, министерот за транспорт и врски, г. Благоја Бочварски истакна дека очекува да се задржат сите средства наменети за изградба на инфраструктура со цел да се инвестираат и да се постигне повисок процент на реализација до крајот на годината.
Директорот на Секретаријатот на транспортната заедница потенцираше дека возовите во Западен Балкан се враќаат на колосеците и затоа треба да се подобри безбедноста на железничките премини, не само во физичка смисла со инвестирање во подобрување на железничката мрежа туку и со кампања за безбедно преминување. Изрази задоволство што може да сподели искуства од тој домен со учениците од училиштето.
Директорот на ЈП ЖРСМ Инфраструктура , г. Хари Локвенец истакна дека денес на овој значаен ден на којшто се одбележува победата над фашизмот започнува Кампањата за безбедност во сообраќајот, посебно на вкрстувањето на железничката и патната инфраструктура. Директорот смета дека тоа е позитивна иницијатива која ќе биде прифатена од граѓаните и ќе придонесе кон зголемување на безбедноста.
Тој нагласи дека освен инвестирањето во подобрување на железничката инфраструктура од голема важност е кампањата којашто почнува денес, а најдобар начин е едуцирањето на младите коишто треба да придонесуваат во безбедноста и сигурноста на премините, со цел да се избегнат несакани инциденти и несреќни случаи.