26 Земји во 36 дена: Европската комисија го обелодени возниот ред на проектот „Поврзување на Европа со Експрес  воз“(Connecting Europe Express) по повод Европската година на железницата

Директорот на ЈП ЖРСМ Инфраструктура, Хари Локвенец ја потпиша спогодбата за давање на поддршка на проектот „Поврзување на Европа со Експрес  воз“(Connecting Europe Express) со што претпријатието се приклучи во овој проект.

Осмислен од Европската Комисија како дел на Европската година на железницата, Европскиот Експрес воз ќе го помине европскиот континент оваа есен. Овој настан е организиран со цел да се промовира железничкиот сообраќај и да ја пренесе важната порака за бенефитот на железницата како најодржлив, најекономичен, најбезбеден и најеколошки начин на превоз.

Овој проект има за цел да ги претстави сите предности на железничкиот сообраќај, како движечка сила за одржлива мобилност, важноста од изградбата и развојот на железничката инфраструктура, како и придонесот на железницата во економскиот развој на секоја земја.

Сообраќањето на овој специјален воз во текот на својата рута ќе биде пропратен со низа манифестаци и активности планирани на локално ниво во согласност со сите мерки за заштита против  вирусот Ковид 19, при што ќе се демонстрира добрата соработка помеѓу компаниите и нивната желба да придонесат во напорите за подигање на свеста за иднината на мобилноста во Европа.

Возот ќе тргне на 2 септември од Лисабон и ќе застане во повеќе од 40 градови во 26 земји, меѓу кои и Скопје. Своето патување го завршува во Париз на 7 октомври, по повод  француското претседателство со ЕУ.