Историјат на Железниците во Македонија

Во 1873 година заврши изградбата на делот од првата железничка линија во Македонија и на 9 август истата година во Скопје свечено бил пречекан првиот воз што пристигна од Солун. Во тоа време тоа беше најмодерно сообраќајно средство и биле создадени услови подоцна Македонија да биде поврзана со железничката мрежа на Средна и Западна Европа и заедно со тоа да дојде до поинтензивен контакт со европската култура.
Брзо по пуштањето во сообраќај на линијата Солун – Скопје, во 1874 година, Скопје било поврзано со железничка линија со Косовска Митровица. Пуштањето во сообраќај на првата линија во Србија (1884 година) од Белград до Ниш и нејзиното продолжување од Ниш до Врање (1886) линијата Солун-Скопје била продолжена до турско-српската граница во тоа време, така што во 1888 година била воспоставена врска меѓу македонската железница и централната и западната железничка мрежа во Европа.
Во периодот од 1916 година до 1922 година се изградени пругите со тесен колосек:

• Градско – Прилеп – Битола
• Скопје – Гстивар – Кичево –Охрид – Тасморуниште

Во периодот пред Втората светска војна поради економскиот развој во регионот биле преземени многу активности за градење на железничката мрежа. Во тој период пуштени се во сообраќај следниве пруги:

• Велес – Кочани на 25.08.1926
• Прилеп – Битола на 07.04.1931
• Велес – Прилеп на 20.01.1936

За време на втората светска војна железничките работници имале активно учество во ослободителното движење на Македонија. Во војната голем дел од пругите, железничките мостови и тунелите биле целосно или делумно уништени од непријателот при нивното повлекување.
По ослободувањето во 1944 година е формирана Дирекција на железниците во Македонија, која имала задача да ги обнови разрушените пруги , мостови и тунели и да се оспособат за редовен сообраќај.
Паралелно со тие активности се пристапило и кон изградба на нови железнички линии и тоа:

• Пруга Скопје – Гостивар пуштена на 25.05.1952 година
• Пругата Куманово – Бељаковци пуштена 1956 година
• Пругата Бакарно Гумно – Сапотница пуштена во 1957 година
• Пруга Гостивар – Кичево со кракот Зајас – Тајмиште пуштена е на 29.11.1969 г.
• Скопски железнички јазол и нова патничка станица Скопје пуштени на 27.07.1981 година

Работната организација која е формирана 1944 година како „ Дирекција за железници во Македонија “ за целото време на своето постоење се трансформирала и реорганизирала во согласност со Законските промени во Р. Македонија.
Во 2007 година ЈП Македонски Железници беше трансформирано и поделено на две компании: ЈП Македонски железници Инфраструктура и Македонски железници Транспорт АД.
Железничката инфраструктура како добро од општ интерес за Републиката е сопственост на Република Северна Македонија и на неа не може да се стекне право на сопственост.

Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на Република Северна Македонија-Скопје како управител на инфраструктурата, одобрува пристап на железничката инфраструктура за што превозниците склучуваат договор со управителот на инфраструктурата.

Денеска ЈП ЖРСМ Инфраструктура е членка на Меѓународната унија на железници (УИЦ), членка на Заедницата на европски управители на инфраструктура и железнички транспортни претпријатија (ЦЕР), како и членка на Европската организација на Управители на Инфраструктура (РНЕ).