Безбедност на патни премини
ЈП МЖ Инфраструктура е компанија одговорна за одржување на пругите и на постројките со обврска за редовно и безбедно функционирање на железничкиот и на друмскиот сообраќај. По должината на пругите на територија на Република Македонија се вградени: сигнално-сигурносна и телекомуникациска опрема, постројки и сигнални знаци во согласност со Законот за безбедност на железничкиот и друмскиот сообраќај.

Во согласност со законските одредби, сите места се опремени со соодветно ниво на сигнална опрема кога во ниво се вкрстуваат железничка пруга, колосек и пат.

Во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, во член 1 се  вели:
                „-Со овој закон се уредува безбедноста и заштитата на патиштата, основните начела и меѓусебните односи на учесниците и другите субјекти во сообраќајот на патиштата правилата на сообраќајот на патиштата; системот на сообраќајните знаци, опремата и сигнализацијата на патиштата; должностите во случај на сообраќајна незгода; условите за стекнување право на управување со моторно возило; оспособување на кандидатите за возачи; полагање возачки испит; и уредите и опремата што задолжително треба да ги имаат возилата; димензиите, вкупната маса; осното оптоварување на возилата и условите кои задолжително треба да ги исполнуваат возилата во сообраќајот; посебните мерки на безбедност; организацијата и задачите на советите за безбедност на сообраќајот на патиштата, како и прекршочните санкции и прекршочната постапка што се води по прекршоците во областа на сообраќајот на патиштата, додека во член 133,  алинеja 3 од истиот Закон се вели:
„- (3) На премин на патот преку железничка пруга во исто ниво, на кој нема уред за затворање на сообраќајот ниту уред за давање на знаци со кои се најавува доближување на воз, учесниците во сообраќајот можат да преминат преку железничката пруга дури откако претходно ќе се уверат дека по пругата не наидува воз или некое друго возило што се движи по шини.“ 
       Во согласност со Правилникот за вкрстување на пруга со пат од аспект на сигурно одвивање на железничкиот сообраќај и критериумите и постапката за сведување, утврдување на места на вкрстување и начин на вкрстување на железничка пруга и пат, како и категоризацијата на местата на вкрстување на железничка пруга и пат и начинот на нивното осигурување,извршено  е осигурување на патни премини во согласност  со Член 7 од Правилникот каде се вели: 
                         „1) при вкрстување од 1 категорија, патниот премин се изведува надвор од нивото;
                           2) при вкрстување од 2 категорија, патниот премин се осигурува со автоматски уред за давање светлосни и звучни сигнални знаци и сообраќајни знаци на патната сигнализација;        
                           3) при вкрстување од 3 категорија, патниот премин се осигурува со сообраќајни знаци на патната сигнализација.
          (2) Осигурувањето на патниот премин од 3 категорија, може да биде дополнето и со полубраници или браници во зависност од местото и условите (намалена видливост, магла, чад, близина на училиште и др).                                        вввв

 (3) Осигурување со механички уреди со браници ракувани од определен железнички работник, може да се изведе патен премин од времен карактер. “
     На територијата на ЈП МЖ Инфрастуктура има вкупно 252 патни премини на ниво со пруга. Од вкупната бројка на патни премини што се обезбедени, нивото на обезбедување е:
                            - само со сообраќајни сигнални знаци  ‒ 151 премин, 
                            - со светлосни и ѕвоновни сигнали и сообраќајни знаци (автоматска постројка што се вклучува од воз) ‒ 59 премини,
                            -  со полубраници, светлосни и ѕвоновни сигнали и сообраќајни знаци (автоматска постројка што се вклучува од воз) ‒ 32 премини,
                            - со рачно поставувани браници и сообраќајни знаци ‒ 10 премини.

Заедничко за сите начини на обезбедување е дека сите тие се предвидени со Закон. Целта на обезбедувањето на патните премини е секој учесник во друмскиот сообраќај да ги почитува поставената сигнализација и поставената опрема. Непочитувањето на поставените сообраќајни знаци  и опрема предвидува казнени одредби за секој учесник во друмскиот сообраќај.

Нашето потсетување и апел има цел да потсети на загинатите и повредените луѓе, уништувањето – крадењето на поставената опрема и на поставените уреди. Во текот на само овој месец се регистрирани три сообраќајни несреќи со над 20 тешко и полесно повредени лица, причинета е голема материјална штета на железничката опрема, на постројките, на сообраќајните возила, како и финансиска штета од прекините на железничкиот сообраќај.

Кулминација за непочитување на поставената сигнализација е и настанот од 25 мај оваа година.  Станува збор за возот бр. 634, што сообраќа од Гевгелија до Скопје, и за настан што се случи првпат во историјата на железниците во Македонија. Возот бил принудно запрен, со исклучување на напојувањето на контактната мрежа од страна на вработените и оперативниот центар, за да се избегне судар. Настанот се случил во градот Велес кога на обезбеден патен премин според сите процедури, со спуштени браници од страна на овластено службено лице за обезбедување на патен премин, со демонстрација на сила биле подигнати браниците за насилникот да помине со своето возило. Со цел да се избегне судар, возот што сообраќаа на тој дел од пругата бил  принудно сопрен со исклучување на напојувањето на контактната мрежа. Насилникот со закана кон овластениот железнички работник го напуштил патниот премин. Овој чин на насилство и закана е кулминација на непочитување на сигналните знаци, како и на службените лица задолжени за обезбедување на безбедноста на патните премини. Кулминација на непочитување на сигналните знаци и постројки за обезбедување на премините во ниво е и примерот кога, по избегнатиот судар во Велес, движејќи се кон Скопје истиот патнички воз (на патниот премин во населба Драчево) околу 21 часот направил судар со патничко моторно возило. Возачот на уништеното возило претекнувал, односно ги заобиколил застанатите моторни возила што чекале пред вклучените светлосни сигнали и спуштени полубраници. Возот бил пуштен кон Скопје по извршениот увид од страна на овластени службени лица, овојпат без човечки жртви, но со голема материјална штета.

Ова е само мал сегмент од секојдневното непочитување на сигналните знаци на патните премини на железницата. Избегнатите несреќи сведочат за големата недисциплина која владее кај возачите при преминување на железничките премини. Загрозувајќи ги сопствените животи, ги загрозуваат и животите на патниците на железницата.

Од тие причини повикуваме и апелираме сите  учесници во сообраќајот да ги почитуваат поставената сигнализација, опрема и уреди. ЈП МЖ Инфраструктура, како придонес за зголемување на свесноста за опасностите што се јавуваат при непочитување на сигнализацијата, почнува акција на објавување на сите вакви настани на својата веб-страница. Се надеваме дека ова ќе биде наш придонес, покрај редовниот сервис и гаранцијата за исправноста на сите сигнални и телекомуникациски постројки, во намалување на немилите настани на премините во Македонија.

     
ИНФО
Информации за цената на железничките карти може да се добие на адреса:
е-маил: mztransportad@mt.net.mk
Телефон: 2449-212
ПАРТНЕРИ
EUROFIMA
RNE
UIC
CER
SERG