Потпишан Договор за ремонт на пругата Ногаевци-Неготино

Со заемот од ЕБОР треба да се реализира ремонтот на железничката пруга од Коридорот 10 во Република Македонија на делницата НОГАЕВЦИ-НЕГОТИНО на должина од 30 993м.

Вкупната цена на ремонтот е 9 399 755,19 Евра.

Изведувач на работите ќе биде фирмата CK-13 HOLDING JSC од Бугарија, која што треба работите да ги заврши за 15 месеци.

Последниот ремонт на оваа делница е извршен во 1968 година (пред 45 год.), па од тие причини истата е во лоша состојба.

Со ремонтот на оваа делница се предвидува да се изврши:

-Комплетна замена на дотраените дрвени прагови со армирано-бетонски.

-Комплетна замена на постоечките шини од типот S-49 со нови од типот UIC-60. Овие шини за прв пат ќе се применат на пругите на Македонските железници и истите овозможуваат поголема трајност, поголема стабилност на колосекот и зголемен осовински притисок на колосекот од 250 kN.
-Целосно прочистување на толчаникот и дополнување со нов.
-Санација на долниот строј со поставување на геомрежа во должина од 2890м, на местата каде тлото е под влага.
-Реконструкција на 6 патни премини со поставување на рециклирана гума за подобра безбедност при поминување на патните возила преку пругата.
-Реконструкција на пероните со вградување на армирано-бетонски елементи на стојалиштата Ногаевци, Стоби, Црвени брегови и во станиците Градско, Кукуричани и Криволак.
-Заштита од ерозија и одронување на постојните косини, со мрежи, анкери и габиони во вкупна должина од 335м.
По потпишувањето на договорот, во согласност со Тендерските услови, изведувачот е должен во рок од 90 денови да изврши пренесување на опремата до градилиштето, да изврши набавка на потребните материјали (шини, изолирани лепени состави, гумени елементи за патните премини, армирано-бетонски елементи за пероните на стојалиштата, геомрежи и толчаник) и да го формира градилиштето во станица Градско.
Со ремонтот како бенефит имаме приспособување на пругата за проектираната брзина од 100-120km/час, и зголемување на безбедноста во железничкиот сообраќај.

ИНФО
Информации за цената на железничките карти може да се добие на адреса:
е-маил: mztransportad@mt.net.mk
Телефон: 2449-212
ПАРТНЕРИ
EUROFIMA
RNE
UIC
CER
SERG