ИСТОРИЈАТ НА ЖЕЛЕЗНИЦАТА ВО МАКЕДОНИЈА
За време на отоманската империја во XIX век патиштата во Македонија низ кои поминувале карваните биле во многу лоша состојба, поради што патувањето и транспортот бил многу отежнат. Тоа биле старите римски траси кои дотогаш никогаш не биле обновени.

Во XIX век, пред да се изгради железничката линија на територијата на Македонија, главно транспортно средство биле коњот, камилата и маската. Стоката која се извезувала од македонските центри и стоката која поминувала низ Македонија создала услови да се развие кираџиството кое станало извор на егзистенција на стотици илјади семејства.

Македонија со ваква патна мрежа била една од најглавните крстосници во овој регион. Но поради нискиот степен на економски развој, Отоманската империја не можела да води грижа за патиштата.

Вистинските иницијатори за изградба на железници во отоманската империја биле западноевропските држави, заинтересирани за економскиот и политичкиот развој на оваа земја.

Кон почетокот на шеесетите години од XIX век една специјална комисија изготвила проект за изградба на железничка мрежа во европскиот дел од отоманската империја којшто, по долготрајните спорови, бил прифатен, а истиот предвидувал изградба на околу 2.500 километри железничка мрежа.

На 9 февруари 1871 година е започната изградбата на железничката линија Солун – Косовска Митровица од страна на австриски концесионери на чело со бриселскиот банкар, баронот Хирш.

На 9 април 1873 год. е пуштена во сообраќај железничката линија Солун – Велес, во тоа време најмодерно сообраќајно средство и се остварил првиот железнички контакт помеѓу овие два града. За кратко време е изградена и втората секција до Скопје, каде првиот воз е свечено пристигнат на 9 август 1873 година, а со тоа е комплетирана целокупната железничка инфраструктура која поминува низ нашата територија.

Веднаш по пуштањето на линијата Солун – Скопје, почнала изградбата на третата и четвртата секција на железничката линија до Косовска Митровица која била пуштена во декември 1874 година.

Со изградбата на линијата Солун - Скопје –Митровица се актуелизира прашањето за железничкото поврзување со соседните земји и со Европа. Со членот 10 од берлинскиот договор, Отоманската империја, Бугарија, и Србија биле обврзани да изградат на нивните територии железнички линии кои би се поврзале со европските железници и би станале дел од меѓународната железничка мрежа.

Во 1882 година во Виена била свикана конференција на која учествувале претставници од Австрија, Турција, Бугарија, и Србија и на која била потпишана конвенција за изградба на железничка мрежа и поврзување Исток - Запад.

Израдбата на пругата помеѓу Скопје и Врање е започната при крајот на јули 1885 од страна на претприемачот Виталис, а е предадена на турските власти на 9 јуни 1887 година.

Точно 6 години по потпишувањето на виенската конвенција, во мај 1888 година на границата со Србија, во станицата Зибевче свечено било извршено поврзувањето на ориенталните железници со српските, односно поврзување на централната и западната железничка мрежа на Европа.

Градењето на пругата Солун – Вертекоп – Битола започнало во 1891 година. Целта на оваа линија била поврзувањето со јадранскиот брег каде што поминувала старата римска магистрала Via Еgnatia. Пругата која била изградена само до Битола е предадена во употреба на 14 јуни 1894 година.

По изградбата на оваа пруга престанало да се градат железнички линии во европска Турција поради настаните што се случувале на Балканот.

Во 1913 година со поделбата на Македонија, железничкиот персонал од ориенталните железници на отоманската империја бил повлечен, а Железниците во Македонија претрпеле големи турбуленции со новите окупаторски сили.

До втората светска војна железниците во Македонија биле експлоатирани речиси само за воени цели односно за транспорт на воени трупи.

По завршувањето на последната балканска војна македонските железници до 1914 година се под српска окупација, а сообраќајот по мрежата бил доверен на Воено-железничката инспекција ( ВЖИ ).

Со започнувањето на првата светска војна се отвора и македонскиот фронт меѓу двата завојувани блока. Од едната страна биле Австрија, Унгарија, Германија, и Бугарија а од другата страна силите на Антантата во состав на Франција, Англија, Србија и Грција. За потребите на фронтот започнуваат да се градат и железнички пруги со тесен колосек за побрз транспорт на оружје и војска.

По првата светска војна следува период кога Македонија се најде во најзагрозена политичка положба. Победничките империјалистички сили спротивно на желбите и стремежите на македонскиот народ за самоопределување, со новите мировни договори, со мали корекции ја потврдија вештачката поделеност на Македонија од 1913 година, нанесувајки му на македонскиот народ најголема историска неправда.

Поделен на четири дела, македонскиот народ се најде во ново национално и политичко ропство, проследено со штрајкови против бездушната експлоатација на железничките работници при изградба на новите линии.

По првата светска војна се наложи потреба за реконструкција на главните железнички артерии, а посебно на железничките линии коишто имаа меѓународни врски. Исто така требаше да се обноват и станичните згради кои биле разрушени во војната.

На 25 август 1926 година во јавен сообраќај била пуштена и линијата Велес – Кочани.

Линијата Прилеп - Битола е предадена и пуштена во сообраќај на 7 април 1931 година. На 19 сепрември 1932 година е започната да се гради пругата Прилеп - Велес преку Богомила. Оваа пруга била завршена на 20 јануари 1936 година. Со тоа е завршена целокупната железничка мрежа која се наоѓа во нашата држава.

Следува втората светска војна во текот на која експлоатацијата на нашите железнички линии ја вршат новите окупаторски сили: Фашистичка Германија и нејзините сојузници Бугарија и Италија.

Во тој прериод германските окупатори почнуваат да монтираат нови телекомуникациски и СС уреди за безбедност во железничкиот сообраќај кој се користи за воени и други цели. Целокупниот тогашен железнички персонал е заменет со бугарски персонал кој раководи со железницата.

На крајот од војната, пред повлекувањето на окупаторските сили, се уништува целата инфраструктурна железничка мрежа, се ограбуваат скапите и ретките инструменти и се пренесуваат во Бугарија.

По ослободувањето во 1944 година доаѓа до обнова на целокупната железничка мрежа и за прв пат железниците во Македонија на првото заседание на АСНОМ добиваат суверенитет и се именуваат како Македонски Државни железници.

Во 1945 година дошло до преименување на железниците во Македонски Федерални железници и го носеле ова име до 1947 година, а после тоа го носи името Железничко транспортно претпријатие Скопје ( ЖТП - Скопје ).

Во периодот по втората светска војна до осамостојувањето на Македонија, развојот на желензиците се карактериизра со планирање на нови железнички линии за изградба, модернизирање на сигнално-сигурносните и телекомуникациски постројки, електрификација на пругата на коридорот 10, укинување на линијата со тесен колосек Скопје - Охрид поради нерентабилност и обнова на пругата со нормален колосек но само до Кичево, a поради политиката на тогашната влада на поранешната СФРЈ не е воспоставена врска со Албанија, изградба на скопскиот јазол, изградба на транспортниот центар во Скопје и повеќе ремонти на сите железнички линии.

По осамостојувањето на Република Македонија и железницата стана посебна железничка управа која е наречена Македонски железници.

На 1 јули 1993 Македонските железници како самостојно претпријатие стануваат членка na Меѓународната Унија на Железници (UIC) на генералното собрание коешто се одржа во Лисабон.

Во август 2007 година, ЈП Македонски железници беше трансформирано согласно директивите на Европската Унија, и од него произлегоа денешните две железнички претпријатија ЈП Македонски Железници Инфраструктура и Македонски Железници Транспорт А.Д.

ЈП МЖ Инфраструктура вложува напори во одржувањето и развојот на железничката инфраструктура, со цел да понуди поквалитетен и побезбеден превоз на патници и транспорт на стока. Железничкиот сообраќај станува се поатрактивен начин на превоз во однос на другите начини на превоз бидејќи најмногу придонесува во заштитата на животната средина.

Плановите на претпријатието за во иднина се реконструкција на коридорот 10 како и изградба на коридорот 8.
ИНФО
Информации за цената на железничките карти може да се добие на адреса:
е-маил: mztransportad@mt.net.mk
Телефон: 2449-212
ПАРТНЕРИ
EUROFIMA
RNE
UIC
CER
SERG