МЖ Инфраструктура ќе гради современ царински терминал
Главниот град за прв пат ќе добие модерен мултимодален царински терминал. Тој ќе се гради на местото на постојната железничка станица Товарна, а со неговата изградба ќе се овозможи едноставно поврзување на товарните возила со железничката инфраструктура. Овој нов терминал ќе се простира на цели 18 илјади метри квадратни и на превозниците ќе им ја олесни работата со тоа што тие ќе можат да ја истовараат и претовараат својата роба во вагоните или во магацините кои терминалот ќе ги спои на едно место. Ваквото работење со стоката на лице место од едно во друго превозно средство, досега било многу покомплицирано, па досега имало многу случаи кога товарните возила морале дополнително да возат до некое од стовариштата.

Македонски железници - инфраструктура распиша оглас за избор на компанија која ќе ја преуреди и приспособи постојната железничката станица Товарна - Скопје во мултимодален терминал за товарање и истоварање на стоки со железница и камиони. Изградбата на новиот логистички центар е планирано да се реализира во соработка со Министерството за транспорт и врски и со Царинската управа на Македонија. Покрај изнаоѓање на најдобро сообраќајно решение за товарните возила кои ќе го користат терминалот, со зафатот ќе се реализира средување на просториите во зградата, поставување на портирница со рампи на влезот и излезот, санација на магацинскиот простор и изградба на нови магацини за складирање на стоката, обнова на рефлекторскиот систем за осветлување, инсталација на систем за видеонадзор со видеомониторинг и монтажа на систем за разглас и поставување на вага.

Висината на потребните финансии за проектот ќе биде позната по доставувањето на понудите од страна на компаниите. Заинтересираните компании треба да ги испратат своите понуди најдоцна до 4 март, за кога е закажано и нивното јавно отворање.

Со остварувањето на овој проект, Македонија ќе го добие првиот објект во кој на едно место ќе се врши царинење на стоката, нејзин претовар и испостава до одредената локација. Постоечката железничка станица е лоцирана помеѓу населбите Автокоманда и Ќерамидница и се состои од шест колосеци, магацински простор и вагонска вага за проценка на товарот.

ИНФО
Информации за цената на железничките карти може да се добие на адреса:
е-маил: mztransportad@mt.net.mk
Телефон: 2449-212
ПАРТНЕРИ
EUROFIMA
RNE
UIC
CER
SERG