Изјава на Директорот на ЈП МЖ Инфраструктура г-дин Ирфан Асани

ВОЗОВИТЕ ЌЕ СЕ ДВИЖАТ СО 120 КМ/Ч

На 6 јуни, германскиот конзорциум „Вибе и Алпине“ ќе почне со ремонтот на пругата од Коридорот 10, на делниците Табановци-Куманово и Миравци-Смоквица, во вкупна должина од 24,1 километри.

Работите, според предвиденото, треба да завршат за една година, а за тоа време железничкиот сообраќај од Србија до Грција ќе се одвива со прекини од по 8 часа дневно. Ќе се менуваат 30 сантиметри од лошиот земјен материјал, на долниот строј од пругата ќе се постави геотекстил и геомрежа, ќе се вгради нов камен материјал, а планирана е и целосна замена на дрвените прагови со нови армирано-бетонски. Последниот ремонт на овие пруги е извршен во 1970 година и досега по нив возовите морале да се движат со брзина од 40 километри на час.

Санацијата предвидува обемни градежни активности со кои целосно ќе се надминат сегашните проблеми, кои предизвикуваат намалување на брзината на возовите. По реконструкцијата, на овие делници возовите ќе се движат со брзина од 120 километри на час.

Реконструкцијата на делниците ќе чини 7 милиони евра, а парите се обезбедени преку заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБРД).

Оваа финансиска институција ќе ја финансира и втората фаза од ремонтот на железничкиот Коридор 10, за која тендерот ќе биде објавен во следните неколку недели. Со неа треба да се ремонтираат и последните критички точки на трасата кои предизвикуваат намалување на брзината на возовите. Станува збор за делниците Ногаевци-Градско, Градско-Кукуричани и Кукуричани-Криволак-Неготино, со вкупна должина од 30,9 километри. Градежните работи на нив ќе се одвиваат во текот на идната година и во првата половина од 2014 година.



ПРУГАТА КОН АЛБАНИЈА ЌЕ ПОЧНЕ ДА СЕ ГРАДИ ДО 2015

Годинава ќе се објави тендер за консултант за изработка на Основен и изведбен проект за изградба на железничката линија од Кичево до границата со Албанија, а парите е планирано да се обезбедат од европските фондови. Се очекува градежните работи да почнат за три години.

Продолжуваат и подготовките за доградба на кракот кон Бугарија од Коридорот 8. Австриската фирма ИЛФ, за една година треба да изработи детален проект и тендерска документација за пругата Куманово-Бељаковци, во должина од 30,5 километри.

 


ИНФО
Информации за цената на железничките карти може да се добие на адреса:
е-маил: mztransportad@mt.net.mk
Телефон: 2449-212
ПАРТНЕРИ
EUROFIMA
RNE
UIC
CER
SERG